Презентирани приоритетите на Белгиското претседателство

Презентирани-приоритетите-на-Белгиското-претседателство.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На настан организиран од страна на Европското движење во Република Северна Македонија, во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, вчера беа презентирани приоритетите на Белгиското претседателство со Советот на Европската Унија.


Приоритетите беа презентирани и елаборирани од стана на Фредерик Мерис, амбасадор на Кралството Белгија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија. Обраќања на настанот имаа и Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија; Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања; Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции и пратеничките Санела Шкријељ, Снежана Калеска-Ванчева и Гордана Сиљановска-Давкова.

Амбасадорот Мерис посочи дека Белгија е една од шесте земји основачи на Европската Унија, која од 1 јануари до 30 јуни 2024 година, по 13-ти пат, го презема ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ. Белгиското претседателство ќе претседава под слоганот „Да се заштити, да се зајакне, да се подготви“.

Белгискиот амбасадор пред присутните ги образложи шесте тематски области на кои Претседателството ќе работи: Одбрана на владеење на правото, демократија и единство на ЕУ; Зајакнување на конкуретноста на ЕУ; Зелена и правична транзиција; Зајакнување на социјалната и здравствената агенда; Заштита на луѓето и границите; Промовирање на ЕУ како глобален фактор.

На крајот од своето излагање, тој истакна дека претседателството ќе го поддржи усвојувањето на Стратешката агенда 2024 – 2029 година и ќе отвори дебата и дискусија за иднината на ЕУ.

Амбасадорот Гир истакна дека за време на Белгиското претседателство, Европската Унија ја очекуваат избори за Европскиот парламент, а потоа избор на нова Европска комисија и нов претседател на Европскиот совет. Воедно, ЕУ треба да подготви реформи и зајакнување на своите темели во иднина.

Во однос на нашата држава, тој напомена дека секое одлагање на евроитегративниот пат има последици по земјата и по Регионот и посебно се ризикуваат досегашните достигнување на земјата во коишто меѓународната заедница инвестираше.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија е единствениот пат кој гарантира развој, просперитет и стабилност. Сега е моментот кога е потребно да се формираат проевропски сили за да не се дозволи отстапување од овој курс, преземајќи ја без одлагање одговорноста, сѐ со цел да не се пропушти нашата шанса и успешно да се заврши овој витален процес за идните генерации. Треба да се има предвид дека отворањето на кластери во преговорите со ЕУ е клучна точка пред нас, чија единствена задача е промени во Уставот, каде ќе се додадат повеќе народи, така што покрај бугарскиот народ, ќе бидат опфатени и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ.

Во однос на реформите во сферата на правната држава, од 2017 година па досега, согласно Извештаите од Европската комисија, е забележан напредок. Во тој домен, тој напомена дека реформите во областите како владењето на правото, реформата во администрацијата и борбата против корупција, треба секогаш заеднички, со широк политички и општествен консензус, да се донесуваат. Законите во оваа сфера треба да бидат поддржани од сите значајни политички фактори, а во нивната изработка да бидат вклучени експертите и граѓанските организации, како и експерти од државите членки на Европската Унија.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, напомена дека државата е мала, а во исто време и комплексна. Поради тоа, во иднина треба голема улога да им се дава на политичките сили коишто не се во Владата и не се во мнозинството, особено за значајни сектори.

Во однос на владеење на правото, тој предложи примери коишто се индиректно поврзани со владеење на правото. Едниот е Антикорупциската комисија, а вториот е Комисијата за заштита од дискриминација. Двете комисии се бираат на начин со заеднички поделена улога и на власта и на опозицијата и граѓанското општество.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK