ГСОЛ им должи три плати на вработените во „Еуроникел“, истиот газда на вработените во „Фалкондо“ им исплати 13. плата и дел од јануарската плата

ГСОЛ-им-должи-три-плати-на-вработените-во-„Еуроникел-истиот.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

ГСОЛ, швајцарскиот фонд сопственик на фарбриките „Еуроникел“ во Кавадарци и „Фалкондо“ во Доминиканстата Република, навлече дополнителен гнев кај кавадарчани откога на вработените во „Фалкондо“ им исплати 13. палата и дел од јануарската плата, над 800 вработени во „Еуроникел“ ги остави уште да ги чекаат трите неисплатени плати за лани, а до крајот на месецот ќе бидат четири неисплатени плати. Вработените се револтирани и прашуваат која е разликата меѓу Македонија и Доминиканската Република и зошто на вработените на „Еуроникел“ им се должат 3 плати заклучно со декември 2023 година, а на вработените во „Фалкондо“ им се исплати и додатна плата.


Истиот газда, ГСОЛ, на вработените во „Фалкондо“ им исплатил и додатна плата, а над 800 вработени во „Еуроникел“ имаат три неисплатени плати

„И двете фабрики не произведуваат од октомври минатата година, но, како што известуваат медиумите, во Доминиканската Република под притисок од Министерството за труд, кое на 12 јануари му дало рок од една недела на инвеститорот ГСОЛ (GSOL) да ја исплати тринаесеттата плата, па не само што на 18 јануари е исплатена предметната плата туку е исплатен и дел од јануарската плата. Ние немаме ни кому да му се обратиме. Директорот избега, Државниот инспекторат за труд дојде, направи увод, кажа дека платите треба да се исплатат и толку, си замина. Исто и УЈП, ја блокираа сметката и толку. Одговорност за неисплатените плати никој не бара“, вели вработен во „Еуроникел“ за „Макфакс“.

Според објавите на локалните медиуми, Министерството за труд во Доминиканската Република нагласува дека нивната реакција била брза оти се посветени на заштита на работничките права. Според објавите, канцеларијата за министерот на труд најавила дека ќе продолжат да го држат под око работодавецот за натамошните плаќања кон работниците. Доминиканските власти јасно укажуваат дека посветеноста не се базира само на зборови, туку дека на барање на работниците тие веднаш ја презеле улогата на нивни претставници и укажале дека неисплаќањето плата ќе резултира со кривични постапки против работодавецот.

ГСОЛ преку „Еуроникел“ им должи на вработените не една – туку три плати, а од државните институции нема најави за нови постапки против работодавецот.

„Освен стандардното решение што го издава УЈП, со кое се блокира сметката на должникот, не се преземени никакви други мерки за да се осигури исплата на вработените. Нема кривична пријава од институциите, ниту какви билодруги притисоци и дејства што ќе осигурат заштита на работничките права. Единствено, Синдикатот најави кривична пријава против газдите од ГСОЛ, а неделава најавија дека и тие ќе поднесат барање за стечај надевајќи се дека можеби на тој начин ќе успееме да добиеме барем дел од она што ни го должи работодавецот иако неизвесно е што ќе впаричи ‘Еуроникел’ оти се знае дека целиот имот го презеде Комерцијална банка, но уште понеизвесно е кога ќе ги добиеме парите – ако воопшто некогаш ги добиеме“, објаснува вработен во „Еуроникел“.

„Макфакс“ побара објаснувања од Државниот инспекторат за труд за преземените мерки за заштита на вработените, но директорката не одговара ниту на телефонот ниту на прашањата испратени преку имејл.

Комерцијална банка извести дека прашањата за состојбата со фабриката и евентуалните заинтересирани инвеститори се испратени кај соодветните организациски единици, но одговори не испратија до објава на текстот.

Додека институциите молчат, кавадарчани стравуваат дека никогаш нема да ги добијат заостанатите плати. Бидејќи нема кому институционално да му се обратат, прашањата, дилемите и забелешките си ги објавуваат на социјалните мрежи.

„Ќе имаат за земање плати вработените. Фирмата е оставена без имот, кој преку хипотека ѝ е префрлен на Комерцијална банка. И да отворат стечај, може да се намират единствено доколку има останато имот или има побарувања од должници, а нема ни имот ни должници. Значи, за жал, слободно може да се простат“, стои во коментар на една од објавите за „Еуроникел“ на „Фејсбук“.

Во друг коментар, вработен во фабриката е разочаран што Синдикатот доцна се сетил да поднесе барање за стечај.

„Прилепската фирма има побарувања од 10.000 евра, како што наведуваат медиумите. Работниците за три месеци имаат побарувања од безмалку 1,5 милион евра и сега Синдикатот се приклучува кон барањето на далеку помал играч во однос на побарувањата. И какви се тие финални преговори што ги наведува Синдикатот, кои траат веќе со месеци, и колку очекува или колку треба да траат?“, револтирано прашува вработениот во „Еуроникел“.

Синдикатот најави дека ќе поднесе барање за стечај, кое ќе биде споено со веќе поднесеното барање за стечај на „Еуроникел“ од прилепска компанија, на која фабриката ѝ должи 10.000 евра. Претседателот Миле Ѓорѓиев денес не одговори на прашањата од „Макфакс“ дали веќе го поднеле барањето и какви други мерки ќе преземат за неисплатените плати на вработените. Тој минатата недела во изјава за „Макфакс“ рече дека имаат најави за заинтересирани инвеститори за фабриката, но на секој негов обид да дознае нешто повеќе добивал одговори дека се работи за класифицирани информации.

ГСОЛ веќе неколу месеци не одговара на прашањата од „Макфакс“ за проблемите во фабриката во Кавадарци. Швајцарскиот фонд не одгвори ниту на денешните прашања за неисплатените плати за три месеци во „Еуроникел“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK