Претседателот Стево Пендаровски се обрати на приемот, што по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Северна Македонија со Данска, Шведска, Норвешка и Финска се одржа вчеравечер во Скопје.
„Изминативе 30 години, секоја од вашите држави засебно, но и нордискиот регион, во целина, служеа како позитивен пример не само за македонската држава и општество, туку и за Југоисточна Европа. Наспроти хроничните балкански расправии и блокади, вие во континуитет ја нудите нордиската парадигма на соработка и интеграции. Вашата поддршка за нашите европски интеграции не е само декларативна, туку и многу практична, бидејќи директно и конкретно вложувате во владеењето на правото, социјалната правда и квалитетот на животот.
Но, за жал, овој празник на светлината го одбележуваме во исклучително темни времиња на војни и страдања, на омраза и насилство, на помрачени умови и невини жртви. Корупцијата, социјалната нееднаквост и блокадата на евроинтеграциите се дел од македонските предизвици“, рече Пендаровски.
„Во овој мрачен период има две личности кои со своите животи го имаат исполнето значењето на сопствените имиња. Првата личност е самата Луција, чие име доаѓа од латинскиот збор Lux што значи светлина, светицата од југот на Европа, во чиј животопис ги препознаваме доблестите неопходни за да се издржат и најмрачните периоди. А тоа се: солидарност кон сиромашните, сочувствување со маргинализираните, личен интегритет и отпор против неправдата.
Втората личност е Даг Хамершелд, името Даг доаѓа од старонордискиот збор што значи дневна светлина, миротворецот од северот на Европа. Како генерален секретар на Обединетите нации во 1953 година, пред точно 70 години, тој запиша: „добрината е нешто толку едноставно: секогаш да живееш за другите, никогаш да не ја бараш твојата корист“. Издигнат на општествено ниво, овој принцип би значел враќање на општото добро и на јавниот интерес во центарот на општествениот и политичкиот живот.
И покрај предизвиците, Северна Македонија мора да продолжи со реформскиот процес и со изградбата на функционална правна држава. Верувам дека и во иднина ќе ја имаме целосната поддршка од вашите држави на овој план. Сè уште постојат и неискористени потенцијали за економска, образовна и културна соработка меѓу нас. Верувам дека односите на пријателство ќе продолжиме да ги развиваме во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа“, изјави претседателот Пендаровски.