Во акцијата „Мозаик 2023“ која беше спроведена под покровителство на Европол, уапсени се 39 осомничени за сексуална злоупотреба на деца и ширење детска порнографија. Меѓу уапсените има и српски државјани.
Под покровителство на Европол беше спроведена голема акција против сексуалната експлоатација на деца во Западен Балкан, соопштија од организацијата. Идентификувани се 39 осомничени злоставувачи на деца, а две од нивните жртви се спасени.
Акцијата „Мозаик 2023“ ја водеше словенечката полиција, а ја координираше Европол. Целта беше да се идентификуваат и уапсат лица кои преку интернет форуми и пораки на различни платформи споделувале и дистрибуирале фотографии од злоупотреба на деца. Земјите од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија, како и Словенија, Хрватска и Унгарија извршија серија апсења меѓу 6 и 17 ноември.
Во овие земји беа извршени вкупно 41 рација, а осомничените или беа уапсени или обвинети за дистрибуција на детска порнографија. За време на операцијата, запленети се 200 предмети кои содржеле фотографии или видео клипови од детска порнографија и сексуална злоупотреба на деца, вклучувајќи компјутери, мобилни телефони, сервери и мемориски картички.