Хутите во Јемен вчера предупредија дека нема да се двоумат да ги таргетираат израелските бродови во Црвеното Море се додека трае војната во Газа.
„Нема да се двоумиме да гаѓаме кој било израелски брод во Црвеното Море или на која било локација до која можеме да стигнеме од моментот на оваа изјава“, соопшти проиранското бунтовничко движење.
„Нашите операции против израелскиот непријател нема да престанат додека не се прекине израелската агресија врз нашите храбри браќа во Газа“, се додава во соопштението.
„Лансиравме серија балистички ракети кон различни цели во Израел“
Хутите објавија дека лансирале серија балистички ракети кон различни цели во Израел, вклучувајќи го и крајбрежниот град Еилат, најјужната точка на земјата.
Израелската војска претходно во вторникот објави дека проектилот бил соборен од нејзиниот противракетен систем Arrow надвор од границите на Израел. Хутите пријавија напади со беспилотни летала и ракети од Јемен во последните недели. Проиранската група го контролира главниот град и северот на земјата од 2014 година.