Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на настан по повод мобилната апликација m.Uslugi, претставувајќи ја како нов чекор во дигитализацијата на јавната администрација, а со цел граѓаните да добиваат услуги побрзо, поедноставно и без непотребно одење по шалтери.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека преку апликацијата граѓаните ќе имаат пристап до јавни услуги и личен документ на мобилен телефон, а институциите ќе треба меѓусебно да разменуваат податоци наместо граѓаните да пренесуваат документи од една во друга институција.
„Пред една година, на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје, кажав дека сакам да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартија од една во друга институција. Денес, со мобилната апликација m.Uslugi, правиме конкретен чекор токму во таа насока“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека дигитализацијата не значи само префрлање на административните постапки од хартија на екран, туку и поедноставување на процедурите, отстранување на непотребните чекори и поврзување на институциите.
Според премиерот, проектот има и економско значење бидејќи секое непотребно одење во институција, повторно доставување документи и одолжување на постапките претставува дополнителен трошок за граѓаните, компаниите и државата.
Мицкоски порача дека m.Uslugi не треба да биде проект само на едно министерство, туку на целата Влада и јавната администрација. Од министрите, директорите и институциите очекува да утврдат кои услуги можат да станат достапни преку платформата и кои документи повеќе нема да треба да се бараат од граѓаните.
„Затоа во следната фаза очекувам значително проширување на бројот на услуги и документи достапни преку m.Uslugi. Нема потреба денес да зборуваме дека системот е завршен“, истакна премиерот.
Тој посочи дека апликацијата засега е во прва верзија и дека дополнителни функционалности ќе бидат воведувани во следниот период.
Во однос на европската интеграција, Мицкоски рече дека значаен дел од обврските за дигитална трансформација во рамките на Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија веќе се исполнети, преку законски измени, развој на инфраструктурата и поврзување на институциите.
Притоа нагласи дека мора да се води сметка и за граѓаните кои немаат доволно дигитални вештини, поради што ќе продолжат да бидат потребни центри за услуги и други начини за пристап до администрацијата.
„Нема да го мериме успехот само според тоа колку луѓе ја преземале апликацијата. Поважно е колку услуги реално ќе завршат преку неа. Колку време ќе заштедат. Колку постапки ќе станат поедноставни“, порача Мицкоски.
Тој му честиташе на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и на тимот на Министерството, посочувајќи дека целта е во следниот период да се вклучат што повеќе институции и да се прошири бројот на достапни електронски услуги.