(Видео) Девојка со македонско потекло меѓу киднапираните од Хамас

Видео-Девојка-со-македонско-потекло-меѓу-киднапираните-од-Хамас.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

19-годишна девојка со потекло од Македонија, е меѓу киднапираните на 7 октомври при упадот на припадниците на Хамас во Израел. Информацијата ја потврди за „Макфакс“ Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и која е вклучена во напорите за ослободување на девојката.



Тешко е да се заборави снимката од 19-годишната Наама Леви која припадниците на Хамас ја буткаат во џип во Газа, со врзани раце зад грб, а нејзината сива тренерка облеана во крв на задниот дел.

На снимката се гледаат мажи со пиштоли, како ја извлекуваат Наама од багажникот на автомобилот до совозачкото седиште, додека другите гледаат и слават.

Тинејџерката е само една од многуте од 242 заложници кои Хамас ги држи повеќе од еден месец.

Беше откриено дека Наама била мировна активистка посветена на промовирање на вредностите на взаемно разбирање меѓу Израелците и Палестинците.

Таа беше учесник во проектот „Раце на мирот“ во САД, каде младите Американци, Израелци и Палестинци се среќаваат во потрагата по мир.

Џон Линдон, кој е извршен директор на Алијансата за мир на Блискиот Исток, рече дека Наама е „позитивна млада дама“ и нејзиното семејство само сака да ја врати дома.

Линдон рече дека бил шокиран кога открил дека киднапираната тинејџерка била учесник во програмата и оттогаш работи со нејзиното семејство за да ја подигне свеста за нејзината мака.

Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.

Повеќето македонски граѓани кои се наоѓаа во Израел, како и во Газа, беа евакуирани и пристигнаа во земјава преку специјални хуманитарни летови.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK