Македонскиот дипломатски синдикат изразува загриженост од последната изјава на министерот Бујар Османи, во која, како што велат, покажува виден интерес единствено за сопствената плата, и притоа во ниеден момент не се осврнува на деградирачките плати кои станаа стандард во министерството со кое раководи.
„Фрапантно е што на првиот човек во дипломатијата не му е важно со колкави примања живеат професионалните дипломати. Синдикатот во повеќе наврати алармираше на фактот дека просечната плата во МНР е под просекот во државата, а воедно е најниска споредена со дипломатите во регионот.
Очигледно овие барања и апели не допреле до “таткото” на куќата и најверојатно завршиле во некоја од корпите за отпадоци. Примањата на дипломатите се под секое ниво на достоинство за оваа фела.
Итно бараме во иста пропорција со платите на функционерите, да бидат зголемени и примањата на дипломатите, особено што товарот на секојдневната работа е на тие со примања под државниот просек“, велат од Дипломатскиот синдикат.
Притоа, како што додаваат, целосно ги отфрлаат неприфатливите оправдувањата дека не постои тековно законско решение за уважување „барем на дипломатскиот статус, кога во актуелниот Закон за надворешни работи се предвидува додаток за дипломатско звање, кој во овој момент изнесува срамни бруто 163 денари за највисокото дипломатско звање Амбасадор“.
МДС укажува дека ситуацијата е алармантна и неодржлива и инсистираат за итно постапување по нивните барања.