Војската на Израел ја критикуваше шведската активистка, Грета Тунберг, откако таа испрати порака за поддршка на Палестинците и се согласи со коментарот во кој се вели дека се врши „геноцид“ во Газа. Тунберг рече дека „светот треба да проговори и да повика на итен прекин на огнот, правда и слобода за Палестинците и за сите погодени цивили“.
Активистката за климата, исто така, се огласи на својот Инстаграм профил за да сподели објава од профилот „Палестина зборува“ во која се тврди дека во Газа се случува „геноцид“. Тоа е пропалестински профил, кој го прослави смртоносниот напад на Хамас врз Израел пред две недели.
Објавата што ја сподели Тунберг зборува за „гнев поради геноцидот во Газа и репресивниот државен терор на многу западни земји против секој кој покажува и делува во солидарност со Палестинците“. Арје Шаруз Шаличар, портпарол на израелската армија, зборуваше за Политико за контроверзните постапки на активистката.
„Кој во иднина на кој било начин ќе се идентификува со Грета, според мене, тој го поддржува тероризмот. Затоа што тоа што Грета го прави, фактот што таа сега се солидаризира со Газа и не кажува ни збор за масакрите на Израелците, покажува дека таа не е наклонета кон Палестинците, туку го брише теророт на Палестинците или Хамас и Исламскиот џихад под маса како да не постои“, рече тој.
Тој потоа се извини за неговите изјави за поддржувачите на младата активистка. „Зборував од длабоко чувство на болка и моите зборови не ги одразуваат моите лични ставови или ставовите на ИДФ“, нагласи тој. Потоа, самата Тунберг издаде ажурирана изјава.
„Се разбира, ние сме против секаков вид дискриминација и го осудуваме антисемитизмот во сите облици. За ова не може да се преговара“, нагласи таа.
Откако Израел одговори на нападот на Хамас со безмилосна кампања за бомбардирање на Појасот Газа, пропалестинските протести избија низ Европа.