(Видео) Ковачевски од Тирана: Самитот на Берлински процес ќе донесе важни договори за регионално поврзување и евроинтеграција на земјите од Западен Балкан

Видео-Ковачевски-од-Тирана-Самитот-на-Берлински-процес-ќе-донесе.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на учеството на Самитот на лидери на Берлински процес, во Тирана, Албанија, пред почетокот на работните сесии во рамки на Самитот, даде изјава за медиумите.


„Денес се одржува вториот Самит на Берлински процес во нашиот регион, првиот беше во 2020 година кога организатори беа Северна Македонија и Бугарија, меѓутоа заради Ковид пандемијата беше организиран онлајн. Ова е втор каде што со физичко присуство ќе бидат лидерите на земјите од Западен Балкан заедно со претседателот на Европската комисија, на Европскиот совет и други лидери од Европската Унија.

Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија прво во однос на зголемување на регионална соработка, во однос на зголемување на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување на дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор.

Дополнително ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, потоа на акушерките, на медицинските сестри кои што доаѓаат како дополнување на она што го потпишавме на минатиот самит, а тоа беше признавање на дипломите на лекарите и на другите дејности кои се регулираат согласно со европските директиви“, кажа премиерот Ковачевски.

„Тука на овој Самит ќе имам и разговори со Шолц. Во текот на денот, утрово имав состанок со комесарот Вархеји на кој разговаравме за процесот на проширувањето, прво во однос на скрининг процесот кој веќе е во својата финална фаза и кон подготовката на финалните извештаи, меѓутоа исто така разговаравме и за поврзувањето на земјите од Западен Балкан пред сѐ мислам на дигиталното поврзување коешто е едно од условите за воспоставување на заеднички регионален пазар којшто ќе биде компатибилен со заедничкиот европски пазар за воспоставување на инфраструктура и механизми.

Имав состанок и со претседателката на Европската банка, г-ѓа Рено Басо на која разговаравме конкретно за проектите што се финансирани од страна на ЕБРД во однос на поврзувањето на Коридорот 8 со Албанија, како и на проектите кои се однесуваат на финансирање на енергетските проекти во државата и на интерконекцијата со Грција во однос на гасното поврзување на Северна Македонија.

Во текот на утрешниот ден ќе имам состанок и со потпретседателката на Светска Банка со која ќе разговараме за долгорочниот план кој го имаме со Светска Банка за кој разговаравме во Њу Јорк во однос на финансирањето на проектите во Северна Македонија во наредните 4 години“, изјави премиерот Ковачевски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK