Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека побарал од Египет да помогне во испораката на медицинска помош во соседна Газа, бидејќи хуманитарната криза на палестинската територија се продлабочува поради израелските бомбардирања.
Гебрејесус рече дека египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси се согласил да помогне во пренесувањето на медицинската помош преку преминот што го поврзува Египет со јужниот дел на Газа.
Гебрејесус им рече на новинарите во Лион дека е длабоко загрижен за големиот број цивилни жртви и сочувствува со членовите на семејството кои ги загубија своите најблиски, објави Си-Ен-Ен.
Под израелска опсада, единствениот коридор преку кој Палестинците или помошта можат да влезат и излезат од Газа е преминот Рафах кој се граничи со Египет.
Египет во четвртокот ги негираше извештаите за затворање на преминот, велејќи дека сепак претрпел штета од повторените израелски воздушни напади на палестинска територија, пренесува Танјуг.