Ангеловска-Бежоска ‒ Ли: ММФ со поддршка за претпазливитe политики во услови на неизвесност

Ангеловска-Бежоска-‒-Ли-ММФ-со-поддршка-за-претпазливитe-политики-во.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Инфлацијата забавува и се очекува нејзино стивнување, без притоа светската економија да западне во рецесија. Сепак, на светско ниво, стапките на инфлација сѐ уште се високи, а ризиците поврзани со геополитичката фрагментација и климатските услови и натаму се едни од клучните ризици со коишто треба да се справуваат носителите на политиките. Во вакви околности, стабилизирањето на инфлацијата и соодветното управување со инфлациските очекувања се од најголема важност за централните банки. Ова беше посочено на средбата на заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли со македонската делегација, во чиј состав се и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска. Со оглед на непредвидливиот глобален контекст, неопходно е задржување на внимателниот пристап во водењето на политиките и понатамошно обезбедување простор за реакција на евентуалните нови шокови.


На средбата беа разгледани мерките преземени досега од страна на Народната банка за справување со инфлацијата и за одржување на финансиската стабилност. Гувернерката посочи на сеопфатниот пристап во поставеноста на централната банка, што подразбира реакција преку ликвидноста, каматните стапки и задолжителната резерва. Оваа поставеност е надополнета и со донесените макропрудентни мерки, преку коишто се зајакнува системската стабилност на банкарскиот систем и се придонесува за спречување на прекумерната задолженост на кредитокорисниците. Со ваквата поставеност се овозможува значително забавување на инфлацијата и стабилизирање на очекувањата, како и јакнење на довербата во домашната валута. Овие мерки придонесуваат и за зацврстување на стабилните биланси на банките, што е основа за одржување на стабилноста и создавање простор за справување со можните неповолни промени.

На средбата со заменикот на генералниот директор на ММФ стана збор и за Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ), инструмент којшто обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди, којшто ѝ беше доделен на нашата земја минатата година. Одобрувањето на оваа кредитна линија е резултат на оцената на ММФ дека економијата е стабилна, вклучително платнобилансната позиција, супервизијата на банкарскиот сектор, статистичките податоци и известувањето, коишто се дел од надлежностите на Народната банка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK