Посетителите на техно фестивалот го опишаа масакрот од Хамас: „Како во хорор филм“

Посетителите-на-техно-фестивалот-го-опишаа-масакрот-од-Хамас-„Како.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со недели, возбудените музички фанови го очекуваа фестивалот Супернова, кој се одржуваше во пустината во јужен Израел.



„Време е целото семејство повторно да се собере. Колку забавно ќе биде!“, напишаа организаторите на социјалните мрежи пред почетокот на фестивалот.

Само неколку часа подоцна, нивните страници на социјалните мрежи беа преплавени со објави на очајни луѓе кои се обидуваа да најдат сакани, откако палестинските милитанти упаднаа на фестивалот и отворија оган како дел од големиот ненадеен напад врз Израел, пишува Би-Би-Си.

Наводно, повеќе од 260 тела се извлечени од местото на фестивалот, според агенцијата за спасување Зака.

„50 терористи пристигнаа со комбиња, пукаа во луѓе и автомобили“

Ортел  – еден од учесниците на фестивалот,  рече дека првиот знак дека нешто не е во ред го забележале кога се огласила сирената пред зори, предупредувајќи за ракети. Очевидци велат дека ракетите набрзо биле проследени со истрели од огнено оружје.

„Тие ја исклучија струјата и одеднаш милитантите влегоа од никаде пукајќи, отворајќи оган на сите страни“, изјави тој за израелскиот Канал 12.

„Педесет терористи пристигнаа со комбиња, облечени во воени униформи. Луѓето се обидоа да избегаат од местото на фестивалот, трчаа преку песокот, седеа во автомобилите“, рече тој. Посетителите на фестивалот велат дека имало и џипови полни со вооружени луѓе кои пукале од автомобилите.

„Тие испукаа рафали и стигнавме до точка кога сите ги запреа возилата и почнаа да трчаат. Влегов зад грмушка, а тие само почнаа да пукаат во луѓето. Додека лежеа наоколу, се обидував да разберам што се случува“, изјави еден посетител на фестивалот за Би-Би-Си.

„Се преправав дека сум мртов“

Фестивалот, со три бини, простор за кампување и храна и бар, се одржа во пустината Негев, во близина на Кибуц Реим. Местото на фестивалот е недалеку од Појасот Газа, од каде борците на Хамас го почнаа својот напад во зори. Тие извршија рации во градовите и селата и зеле десетици луѓе како заложници.

Посетителот на фестивалот, Адам Барел, изјави за Хаарец дека сите биле свесни за можноста од ракетен истрел во областа – но дека пукањето дошло како шок. Како и многу други, тој се обидел да избега со својот автомобил, но вооружените напаѓачи пукале кон нив, па тој излегол и почнал да бега.

„Луѓето беа застрелани. Се криев. Сите бегаа“, рекол Бурел.

Естер Борочов изјави за „Ројтерс“ дека возела од фестивалот кога автомобил удрил во нејзиното возило. Млад човек во другиот автомобил и рекол да влезе во возилото со него, а откако таа го направила тоа, тој бил застрелан од непосредна близина. Естер изјави за Би-Би-Си дека се преправала дека е мртва додека не била спасена од израелската армија.

Луѓето се криеја во овоштарници и грмушки

Многу посетители на фестивалот, како Ортел, поминувале часови криејќи се во блиските грмушки и овоштарници, надевајќи се дека војската ќе пристигне и ќе ги спаси.

„Го спуштив мобилниот телефон и почнав да лазам низ овоштарникот. Се пукаше над мене, минуваа куршуми, жив оган“, изјави Ортел.

Гили Јоскович за Би-Би-Си раскажа како се сокрила во овоштарник.

„Тие пукаа од дрво на дрво. Видов луѓе како умираат. Бев многу тивка, не плачев… По три часа ги слушнав гласовите на израелските војници, па истрчав на безбедно“, рече таа.

„Тоа беше масакр“

Друг сведок на настанот за Канал 12 изјави дека се изгледало како хорор филм кој траел неколку часа.

„Трчавме како луди, беше лудо“, рече тој.

„Тоа беше масакр“, рече Јанив, болничар од брзата помош кој беше на фестивалот.

„Никогаш не сум видел нешто слично во мојот живот, тоа беше заседа. Луѓето излегоа преку излезот за итни случаи, а таму ги чекаа терористичките одреди и тие само ги киднапираа“, изјави Јанив.

„Имаше 3.000 луѓе на настанот, па веројатно знаеја“, додаде тој. Пријателите и членовите на семејството на исчезнатите од фестивалот сега очајно се надеваат дека ќе ги најдат.

Киднапирани посетители на фестивалот

Меѓу исчезнатите се и Британецот Џејк Марлоу (26), кој работел како обезбедување на фестивалот и германската туристка Шани Лук, чија мајка верува дека е киднапирана.

Се верува дека е киднапирана и 25-годишната Ноа Аргамани, велат нејзиното семејство и пријателите. Нејзиниот пријател Амит Папара изјави за Би-Би-Си дека и праќал пораки на 25-годишната девојка додека таа се криела.

„Последната порака од неа ја добив околу 8:30. Подоцна на социјалните мрежи видов дека е заробена. Видов како ја одземаат од нејзиното момче”, рекла таа.

Родителите на 23-годишниот Херш Голберг-Полин го бараат и нивниот син, кој бил таму откако го прославил роденденот. Тие за Jerusalem Post изјавија дека во саботата наутро добиле две кратки пораки од него на кои пишувало „Ве сакам“ и „Жал ми е“.

Најмалку 600 Израелци се убиени од почетокот на нападот, според последните извештаи на локалните медиуми. Борбите меѓу израелската армија и палестинските милитанти продолжуваат, а Израел започна бран воздушни напади врз Газа. Најмалку 413 лица загинаа во нападите, велат палестинските власти.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK