Новата алатка на Народната банка за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги придонесува кон поголема транспарентност на банките и значително ја подобрува информираноста на јавноста за надоместоците коишто ги наплатуваат банките за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка.
„Преку поголемата транспарентност и олеснетата споредливост на надоместоците, ќе се зголеми конкурентноста помеѓу банките што може да придонесе за поповолни цени на платежните услуги за граѓаните“, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
„Заради заштитата на потрошувачите, како една од најзначајните цели на новиот закон, за првпат се воведе обврската за банките да ги уредат правата и обврските на корисниците со рамковен договор во стандардизирана форма, проследен со информативен документ за надоместоците пред неговото прифаќање, што обезбедува нивна поголема информираност и сигурност при носењето на одлуките. За најчесто користените услуги, Народната банка врз основа на податоците од банките подготви листа од 11 т.н. најрепрезентативни услуги за чиишто надоместоци започна да прибира податоци и почнувајќи од крајот на минатиот месец овозможи нивна достапност и споредливост по банки, со користење на алатката. На овој начин, граѓаните ќе можат на едно место, преку веб-страницата на Народната банка, да добијат брза и лесно достапна информација за надоместоците кај секоја од банките и да направат споредба кога одлучуваат кај која банка да користат платежни услуги“, посочи гувернерката.
Таа истакна дека новиот Закон за платежни услуги и платни систем, како и дваесет и шесте подзаконски акти донесени од Народната банка, претставуваат значајно усогласување со европските стандарди и регулативи.