Мечка гризли нападна и уби две лица во националниот парк Банф во Алберта, Канада, соопшти канадската служба за национални паркови.
Службата објави дека во петокот вечерта било примено предупредување од ГПС уред што укажува на напад на мечка во долината на реката „Црвениот елен“ во националниот парк Банф.
Жртвите биле брачен пар од Канада и нивното куче. Мечката била пронајдена и еутаназирана.
Ким Тишенер од здружението „Bear Safety and More“ вели дека средбите со мечки се во пораст бидејќи се повеќе луѓе се движат надвор, но фаталните напади се ретки.
„Причината зошто гледаме се повеќе напади е затоа што се повеќе луѓе излегуваат во природа и не се едуцирани за мечките“, рече тој, додавајќи дека податоците покажуваат дека 14 отсто од нападите на гризли во светот резултираат со смртни случаи.
Контактите со мечките се почести наесен, бидејќи тие стануваат поактивни во потрагата по храна пред хибернација во студените зимски месеци.
Националниот парк Банф, кој привлекува повеќе од четири милиони туристи секоја година, е дом и на гризли и на црни мечки.