„Откако Левица, преку претставка, го оспори Упатството за водење матични книги донесено од Министерство за правда, Уставниот суд одлучи да поведе постапка по истата – со што се застана на патот на желбите на етно-трибалистичката власт за омаловажување и потчинување на нацијата пред сецесионистичките желби на необалистичките партии на албанското малцинство“, велат од Левица.
„Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да го поништи ова Упатство, со што одлуката има ретроактивно дејство, односно сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува.
Министерот за правда, Кренар Лога преку овој акт се обиде да ја протне двојазичноста и графата за „националност“ во новите изводи на родени – спротивно на сите цивилизирани практики и со цел сегрегација на населението во Република Македонија“, соопшти Левица.
„Оваа ненародна власт на СДС и ДУИ наместо да работи во интерес на македонската нација, таа постојано презема чекори кои водат кон дополнителна дезинтеграција, со што македонската нација се спушта на ниво на кое се изедначува со етникум.
Левица и понатаму ќе продолжи во својата борба и определба за зачувување на македонскиот идентитет и држава со користење на сите расположливи средства“, се додава во соопштението на партијата.