Милан, повторно ќе носи дресови на „Адидас“, од летото 2028 година. Според италијанските медиуми, италијанскиот гигант договорил десетгодишна соработка со германскиот производител на спортска опрема, вредна најмалку 500 милиони евра. „Адидас“, ќе му плаќа на Милан 50 милиони евра по сезона, со што ќе се прекине соработката со „Пума“, која трае од 2018 година.
Ова е еден од најголемите договори за спонзорство во италијанскиот фудбал. Милан на тој начин ќе се врати кај „Адидас“ по десет години, во чии дресови постигна некои од најголемите успеси во историјата на клубот.
Договорот меѓу Милан и „Адидас“ претставува важен чекор за германската компанија во борбата за италијанскиот пазар. „Адидас“ веќе произведува дресови на Јувентус, а со преземањето на Милан, дополнително ќе ја зајакне својата позиција меѓу најголемите италијански клубови.
За споредба, Јувентус потпиша нов десетгодишен договор со „Адидас“ вреден 408 милиони евра пред една година.
Од 2023 година, Интер има осумгодишен договор со „Најк“, според кој заработува 30 милиони евра годишно. Новиот договор на Милан, според тоа, ќе ги надмине двата претходно споменати договори во однос на вкупната вредност.
„Адидас“ и Милан имаат долга заедничка историја. Германската компанија ги произведуваше дресовите на Милан во текот на 1970-тите, кога тимот на Џани Ривера ја освои десеттата титула во италијанското првенство.
Соработката продолжи во раните деведесетти, во периодот кога Милан го предводеа Ариго Саки и Фабио Капело, а периодот од 1998 до 2018 година беше особено важен.
Милан ја освои титулата шампион на Италија во 1999 година под водство на Алберто Закерони. Следеше голем успех под водство на Карло Анчелоти, вклучувајќи ја и освојувањето на Лигата на шампионите во 2003 и 2007 година.