(Видео) Осум минути што ја променија историјата на Лигата на шампионите


14414054.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

ПСЖ, оствари историска победа против Виљареал во четвртото коло од лигашката фаза на Лигата на шампионите. Францускиот шампион победи со 6:0 на гостински терен во Шпанија и постави неколку рекорди во елитното натпреварување.


Особено импресивен е фактот дека ПСЖ постигна четири гола за само осум минути, нешто што ниту еден тим во историјата на Лигата на шампионите не успеал да го направи досега.

Тимот на Луис Енрике поведе во деветтата минута со голот на Жоао Невеш. Три минути подоцна, Десире Дуе ја искористи грешката на домашниот голман Петер Гулачи за да го зголеми резултатот на 2:0. Сени Мајулу постигна гол во 13-та минута, а потоа Фабијан Руиз во 17-та за неверојатни 4:0.

Руиз го постигна својот втор гол во 50-та минута, додека конечните 6:0 во 78-та минута ги постави тинејџерот Давид Боли, кој влезе од клупата и набрзо ја затресе мрежата.

Според статистичките податоци, ПСЖ стана првиот тим во историјата на Лигата на шампионите што постигнал четири гола за само осум минути. Парижаните поставија уште еден рекорд. Им беа потребни само 16 минути и две секунди за да поведат со 4:0, што ги прави најбрзиот тим што постигнал четири гола во историјата на Лигата на шампионите.

Претходниот рекорд го држеше Реал Мадрид, кој постигна четири гола во првите 20 минути од натпреварот против Динамо во ноември 2011 година. Реал потоа славеше со 6:2.

ПСЖ го сруши и рекордот за најбрзи три гола постигнати од гостински тим во Лигата на шампионите. Парижаните го постигнаа својот трет гол во 13-та минута. Претходниот рекорд го држеше Борусија Дортмунд, која го постигна третиот гол против Легија во 17-та минута во 2016 година.

Актуелниот европски првак, стана првиот клуб во историјата на Лигата на шампионите што постигнал шест гола на гостински терен против шпански тим. Претходниот рекорд го држеше Монако, кој постигна пет гола на 8 декември 2004 година, на гостински терен против Депортиво Ла Коруња.

Парижаните ја остварија и најголемата победа на гости во нивната историја во Лигата на шампионите.

Францускиот клуб стана вториот тим што победил шпански претставник со шест гола разлика во ова натпреварување. Пред ПСЖ, тоа му успеа на Баерн Минхен, кој ја победи Барселона со 8:2 на 14 август 2020 година.

Foto/ EPA

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK