Северна Кореја одлучи да го протера американскиот војник Тревис Кинг, кој премина на северот од Јужна Кореја за време на обиколката на заедничката безбедносна област во јули, објави во средата државниот медиум КЦНА, пренесува Си-Ен-Ен.
„Надлежниот орган на КНДР одлучи да го протера Тревис Кинг, војник на американската армија кој незаконски изврши инвазија на територијата на КНДР, според законот на Републиката“, соопшти КЦНА. Во извештајот се вели дека истрагата против Кинг е „завршена“.
Северна Кореја тврди дека Кинг „признал дека незаконски извршил инвазија на севернокорејска територија бидејќи „се чувствувал лошо поради нехуманиот третман и расната дискриминација во американската војска и бил разочаран од нееднаквото американско општество“.
Си-Ен-Ен не потврди дали тоа се зборови на Кинг.
Од извештајот на КЦНА не е јасно каде, кога и како Кинг ќе биде протеран.