Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент.
На средбата се разговараше за текот и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на нашата држава, за реформскиот напредок, како и за политичките состојби во земјава и во регионот. Соговорниците се согласија дека е потребно да се одржи фокусот на реформите, како и подготвеноста за водење на преговорите со Европската Унија.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, при што претседателот Пендаровски се заблагодари на американската поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ како стратешка определба на македонското општество.