Пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска, на прес-конференција зборуваше за зачуваниот статус на Охридскиот регион, кој останува во УНЕСКО, но и за препораките кои не се лесни, а се неопходни за да не се дозволи впишување на Охридскиот Регион на листата на Светско наследство во опасност.
Рече дека одлуката на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО, на 45-тата сесија во Ријад, е важна затоа што ги уважува сите владини напори, за зачувување на овој престижен статус.
„СДСМ, преку институциите коишто ги предводи покажа одговорност и сите преземени чекори и постапки сега се препознаени и соодветно валоризирани. Ова е признание за преземените конкретни мерки, за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот регион. Но, исто така ова е силно и гласно предупредување дека сите мораме постојано да го штитиме охридското, македонското и светското наследство“, рече Лазаревска.
Додаде дека престижниот статус останува, но остануваат и препораките за негово зачувување, а тие не се лесни и нивното реализирање бара целосно внимание, одговорност и акција од сите кои споделуваат одговорност.
За успех неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските, вели Лазаревска – покрај централната власт и локалната самоуправа, а обврските се точно адресирани.