СЕФФ 2023: Економскиот ефект од ЕУ е 15% до 20% повисок БДП, РС Македонија може да биде 28-ма членка

seff-2023-2423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Економскиот ефект од ЕУ е 15-20% повисок БДП за новите земји-членки, нови и подобро платени работни места, сигурност и стабилност. Треба да се искористи моментот за да Република Северна Македонија стане 28-ма членка на Европската Унија. Ова беа главните пораки од отварањето на Третата годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум – СЕФФ, во организација на  Министерството за финансии. Конференцијата со поздравни обраќања ја отворија министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Димитар Ковачевски, како и ЕУ комесарот за буџет и администрација, Jоханес Хан.

Како што посочи министерот за финансии, Бесими, СЕФФ е платформа за дискусија на јавните политики која произлезе како потреба за време на Ковид-19 кризата, а има за цел да ги обедини сите општествени чинители, како креаторите на политики, политичките претставници, бизнис заедницата, академските претставници, со цел изнаоѓање на најдобри солуции. Овогодинешната тема „Европа-Да, Европа-Сега“ е посветена на предизвиците и можностите кои се поставуваат пред сите земји од Западен Балкан во контекст на евроинтеграциите.


„Убавата, мултикултурна, пацифистичка и развојно ориентирана Европска Унија произлезе од потребата да се реизгради Европа. Оттогаш, економијата, мирот и безбедноста и човековите права се нејзини двигатели. Влијанието на ЕУ е проценето на дополнителни 15%-20% од БДП по глава на жител, вклучително и неколкукратен раст на фондовите достапни по пристапувањето, само кај кохезионите фондови 22 пати повисоки. Во време на повеќекратни кризи, кои се преклопуваат, сега, повеќе од кога и да било е време земјите да се поддржуваат една со друга“, порача министерот Бесими.

Фокус на обраќањето на премирот Ковачевски, исто така, беа придобивките од членството во ЕУ. Тој ги истакна економските ефекти од членството во Европската Унија кои се високомултипликативни. „Тоа во првите 5 години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти, пораст на БДП во износи од 80 до 90%, зголемен број на работни места, за 30% до 40% зголемен број на мали и средни претпријатија“, порача Ковачевски.

Ковачевски во своето обраќање се осврна и на напредокот кој земјава го има остварено изминатите неколку години, пред се на економски план.

„Стапката на невработеност за разлика од  2016 кога беше речиси 24%, денес е намалена на 14,4%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5%. Споредбата за овие години е огромна и во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со Ковид-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. За споредба, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 20.175 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме.Просечната нето-плата во 2016 година изнесувала нешто над 22 000 денари, а во 2023 година, просечната нето-плата е историски највисока и изнесува скоро 37.000 денари. Првпат донесовме и системско решение за раст на пензиите. “, порача премиерот Ковачевски.

Комесарот на ЕУ, Јоханес Хан, во своето обраќање истакна дека РС Македонија треба да го искористи позитивниот моментум за евроинтеграции, како и дека Европската Унија покрај економските придобивки, носи и многу други подобри услови за граѓаните, од аспект на владеењето на правото, граѓанските права, чувството на заедништво и единствено.

„Вие сте значајни за европското семејство. Ќе направиме се што треба за да се забрза процесот. Да го искористиме заедно моментот. Верувам дека Република Северна Македонија може да биде 28-ма членка на ЕУ. Работете заедно, сите политички опции во земјава, како тим, за да стигнеме таму“, порача комеасорт Хан.

На првиот панел од конференцијата „Европска и регионална интеграција“, стана збор за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ единствениот пазар, како и новиот план за Западен Балкан презентиран од страна на претседателката на Европската комисија на ГЛОБСЕК 2023 во Братислава. На панелот зборуваа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, регионалната директорка на Светска банка, Шаочин Ју, заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Нону, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер и претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојановски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK