Во сабота /3 октомври/, од 19:00 до 03:00 часот, плоштадите, мостовите, галериите, музеите и чаршијата ќе бидат места за нови доживувања и средби што се паметат.
„Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата Бела ноќ! Ве поканувам заедно да го исполниме Скопје со љубопитност, насмевки и енергија и да ја почувствуваме неговата креативна сила“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Само за „Бела ноќ“, работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје се продолжува за два часа, за дружењето и убавата атмосфера да траат подолго.
За сите полесно да бидат дел од оваа ноќ, превозот со ЈСП ќе биде бесплатен од 18:00 часот на 3 октомври до 05:00 часот на 4 октомври.
Во рамките на „Бела ноќ“, бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.
Уметноста ве очекува на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ, во МКЦ, на Мостот на уметноста, на Боемска улица и во Старата скопска чаршија.
Дел од оваа ноќ ќе бидат и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, ДКЦ „Карпош“, Градската библиотека, Чифте амам, улицата „Македонија“ и Музејот на современа уметност.
Излезете со семејството, повикајте ги пријателите и одберете ја својата прва станица. Дозволете му на Скопје да ве изненади со нешто што досега не сте го виделе, слушнале или почувствувале.
Бела ноќ е покана за сите генерации, за сите што го сакаат овој град и за сите што допрва ќе го доживеат.
На 3 октомври, да ги наполниме улиците со живот и да создадеме уште еден убав спомен за нашето Скопје!