По 30 години Австрија повторно ја отвори амбасадата во Багдад

avstrija zname
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска по повеќе од 30 години официјално ја отвори амбасадата во Багдад, што е знак за враќање на стабилноста во Ирак, со кој Виена има намера да ги зајакне економските односи.

„Се вративме и тоа е сериозно“, рече Шаленберг за време на свеченото отворање на Амбасадата во луксузниот хотел „Бабилон Ротана“, во центарот на Багдад.


Австрија ја затвори својата амбасада во Ирак во 1991 година, во средината на Заливската војна (1990-1991). Оттогаш, амбасадата во Аман, во соседен Јордан, ги презеде функциите на амбасадата во Багдад, изјави за АФП австриската дипломатија, нагласувајќи дека дипломатските односи меѓу Ирак и Австрија „никогаш не биле прекинати“.

По повеќе од четири децении крвав конфликт, Ирак поврати одреден степен на нормалност, но неизмерно богата со нафта земјата е зафатена од политичка нестабилност и корупција.

Многу Ирачани го критикуваат прекумерното влијание на соседен Иран преку вооружени фракции и протехерански политички партии кои ја поддржуваат актуелната ирачка влада и доминираат во Парламентот.

Ирак е „клучна земја“ во регионот, изјави шефот на австриската дипломатија за време на прес-конференцијата со неговиот ирачки колега Фуад Хусеин.

Шаленберг рече дека Ирак има исклучително важна улога за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Со Шаленберг во Ирак е делегација на австриски компании кои би сакале да инвестираат особено во енергетиката, здравството, телекомуникациите, друга инфраструктура и транспорт, сектори кои се во особено тешка состојба, бидејќи патиштата се лоши, а електричната мрежа е запуштена.

Според податоците на Австриската федерална стопанска комора, австрискиот извоз во Ирак во 2022 година изнесувал 94,5 милиони евра, што е зголемување за 25 отсто во однос на претходната година.

Шефот на австриската дипломатија разговараше и за прашањето за илегалната имиграција со својот ирачки колега, потсетувајќи дека Багдад и Виена потпишаа два договори за мигрантите и враќањето на Ирачаните кои се илегално во Австрија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK