Порасна бројот на жртви во сообраќајната несреќа што се случи на влезот на Грција.
Грчката телевизија „ЕРТ“ јавува дека загинал и четвртиот патник од автомобилот кој утрово се судри со автобус полн со српски туристи на патот од Солун кон Евзони.
60-годишникот бил префрлен во болницата во Солун, каде подлегнал на повредите. Останатите тројца сопатници од истото возило изутринава беа извлечени мртви од тешкиот судар, а според информациите на грчките медиуми станува збор за автомобил со грчки регистерски ознаки.
Сообраќајната несреќа се случи кога возилото во кое се наоѓале четири лица се судрило со нишки автобус кој превезувал српски туристи. Кога автомобилот се превртел од судирот, во него удрило уште едно возило во кое биле 38-годишна мајка од Србија и нејзиното 6-годишно дете.
Во автобусот имало 78 патници, српски туристи кои заминале на одмор во Аспровалта, во регионот на Солун.
Директорот на националната асоцијација на туристичките агенции во Србија, ЈУТА, Александар Сеничиќ, претходно за „Н1“ изјави дека тешката сообраќајна несреќа во Грција се случила кога возачот на автомобилот со грчки регистерски таблички заспал зад воланот и удрил во автобусот со српските туристи.
Веднаш била алармирана полиција и противпожарна служба, а на терен пристигнале амбулантни возила кои повредените патници ги пренеле во болниците во околината.
Грчкиот портал „Прототема“ последно јавува за 53 повредени патници.
Оваа сообраќајна несреќа се случи во близина на граничниот премин Евзони, на дел од патот кој не е автопат. Во тој дел, кој многу возачи го сметаат за многу небезбеден, средината на патот често се користи за заобиколување во двете насоки, а побавните возила се движат во лентата за застанување за да направат место за оние кои брзаат, пишува „Н1“.