Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Западот треба да спроведе казнена политика кон Белград, бидејќи, како што наведе, нивниот пристап кон Србија е мек, пренесува Национале.
Курти за естонскиот медиум „Делфи“ изјави дека „Србија треба да биде принудена да го спроведе Охридскиот договор за нормализација на односите со Косово.
„Европската унија треба да му се закани на Белград со враќање на визниот режим. Таа би била подготвена веднаш да го спроведе договорот, бидејќи не би се осмелила да го изгуби слободното движење без визи“, рече Курти.
Според него, пораката на Соединетите Американски Држави треба да биде дека „поддршката на Србија од демократскиот Запад не треба да се зема здраво за готово“, пренесува Косово онлајн.
На прашањето дали Западот треба да и даде „ултиматум“ на Србија, Курти одговори потврдно и додаде дека треба да се разгледа опцијата за откажување на директните странски инвестиции.
„Да, мислам дека треба да се преземат остри мерки кон Србија за странските инвестиции. Доколку им се заканува повлекување, Србија веднаш ќе се однесува дисциплинирано и ќе го спроведе нашиот договор“, рече Курти.
Курти изјави дека факт е оти Европската унија и САД го поддржуваат и помагаат на Косово, но дека нивна грешка е што се обидуваат мирно да ја одвојат Србија од Русија.
„Тие сакаат да ја извлечат Србија од Русија со мека моќ, а не со камшик. Не функционира“, рече Курти.
Решението на проблемот меѓу Косово и Србија, убеден е Курти, лежи во целосното спроведување на Охридскиот договор за нормализација на односите.
Како што тврди тој, Србија не го прави тоа.
Тој додаде дека „Белград не е заинтересиран за правата на Србите, туку за проширување на територијата“, и дека е подготвен да го слуша секој што нема „територијални претензии“.
„Од друга страна, јас сум премиер на сите граѓани на Косово, вклучително и на Србите. Обврзан сум да ги слушам сите нивни барања“, рече Курти.
Според него, лошите односи со Србија мора да се променат.