Кина им нареди на службениците во централните владини агенции да не користат паметни телефони на Apple и други уреди со странска марка за работа или да ги носат во канцеларија, пишува Wall Street Journal.
Во последните недели, вработените добивале инструкции од претпоставените во групи за разговор или за време на состаноци на работното место, потврдија извори на листата. Директивата е најновиот чекор во кампањата на Пекинг за намалување на зависноста од странска технологија и подобрување на сајбер безбедноста.
Потегот на Пекинг може да има катастрофални ефекти врз странските брендови во Кина, вклучувајќи го и Apple, кој доминира на пазарот на паметни телефони во земјата и ја смета Кина како еден од најголемите пазари, потпирајќи се на неа за околу 19 отсто од вкупниот приход.
Пекинг со години ги ограничува владините службеници во некои агенции да користат „ајфон“ за работа, но забраната сега е проширена, велат изворите.
Во САД има слична забрана за користење на кинеските телефони „Хуавеј“ и социјалната мрежа „ТикТок“.
Apple, една од највредните американски технолошки компании која се потпира на Кина и како главен пазар и како производствена локација, досега беше во голема мера поштеден во технолошката битка меѓу двете најголеми економски сили во светот. Бидејќи поголемиот дел од производите на Apple се склопуваат во Кина, компанијата обезбедува милиони работни места во земјата преку своите договорни производители и добавувачи.
Компанијата доминираше на кинескиот пазар на паметни телефони откако американските санкции ја погодија способноста на конкурентот на Apple, Huawei, да произведува 5G телефони. Тоа се промени неодамна кога кинеската компанија го претстави својот паметен телефон, токму за време на посетата на американската министерка за трговија Џина Рејмонд.