Демократското движење оценува дека полициската акција на Клиниката за онкологија, според сите индиции, ќе извади на површина скандал од трагични размери.
„Веќе е јасно дека здравството е криминализирано. Демократското движење се надева дека овој скандал од нечовечки размери нема да го има истиот епилог како оној на Модуларната болница во Тетово, кој министерството за правда го заклучи со смешни, ако не и апсурдни „казни“. Злоупотребите во оваа клиника укажуваат на запоставување на надлежните органи, иако претходно имаше предупредувања дека на Онкологија човечноста починала, а за тоа сведочат злоупотребата на терапии и трговијата со лекови“, посочуваат од оваа партија.
Ова, како што велат, е последен момент за надлежните органи, односно Министерството за внатрешни работи и Обвинителството да го покажат своето вистинско лице и сите виновници да ги изведат пред правдата.
„Бидејќи нашите болници стануваат центри на убивање луѓе, а не центри каде се спасуваат животи. Значи здравството се распаѓа сериозно. За жал, владеењето на СДСМ и ДУИ одамно е излезено од контрола, оставајќи простор за античовечки дејствија и луѓе од власта кои не се заситуваат од крадење и злоупотреба насекаде, вклучувајќи ја и оваа злоупотреба на лекови за болните од рак“, се истакнува во соопштението од партијата.
Во нормални држави, додаваат од демократското движење, за вакви случаи владините кабинети даваат неотповикливи оставки. Но, за жал, според нив, такво нешто не може да се очекува од оваа неморална влада.