Белгија повеќе нема да дава азил на самохрани мажи, приоритет имаат жените и децата

belgija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Белгиската влада денеска објави дека повеќе нема да обезбедува засолниште за самохраните мажи кои бараат азил, наведувајќи дека приоритет треба да бидат семејствата, жените и децата, поради недоволниот сместувачки капацитет.

Државниот секретар за азил Никол де Мур рече дека во наредните месеци се очекува зголемен притисок врз прифатните центри, како и дека сака „апсолутно да ја избегне можноста децата да завршат на улица оваа зима“, пренесува АП.


Според податоците на Агенцијата за азил на Европската унија, машките апликанти за азил учествувале со 70 отсто од вкупниот број барања во 2021 година.

Одлуката на белгиските власти беше критикувана од невладините организации кои се занимаваат со заштита на човековите права, како и од Советот на Европа.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, рече дека „недостигот на сместување има сериозни последици за човековите права на оние кои аплицираат за азил во Белгија“.

Минатиот декември таа ги повика властите во Белгија да им пружат подобра помош на барателите на азил, откако стотици луѓе спиеја на улиците на Брисел на ниски температури.

Директорот на организацијата „Амнести интернешенел“ во Белгија, Филип Хенсманс изјави дека белгиската влада ги „закопува“ човековите права.

„Мислевме дека видовме сè, но не видовме. Белгиската влада ги закопува човековите права со суспендирање на приемот на самохрани баратели на азил“, рече Хенсманс.

Белгија минатата година прими речиси 37.000 барања за азил, а нејзините прифатни центри имаат место за околу 33.500 луѓе.

Покрај барателите на азил, Белгија им пружа помош на повеќе од 60.000 Украинци кои ја напуштија својата земја по почетокот на руската инвазија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK