Со промоција на зборникот „Шопов на 11 јазици“ завршува 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

на-11-јазици-корица.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денес, во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ќе биде промовиран зборникот „Шопов на 11 јазици“, кој го објави УКИМ. Станува збор за единствен зборник од ваков формат во кој се објавени преводи на песни од великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, на толку јазици, со вклученост на поголем број странски македонисти, познавачи на македонскиот јазик, литература и култура.


Конкретно, Зборникот е произлезен од Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која се одржа во јануари годинава како прва активност во рамките на националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“. Преводите објавени во него се на учесниците на Зимската школа од групата по литература, подготвени во текот на Школата и во периодот непосредно по нејзиното завршување, а со неколку преводи се вклучени и уште неколку странски македонисти кои по завршување на Школата изразија желба и подготвеност да остварат влог во вакво, значајно издание.

Промоцијата на „Шопов на 11 јазици“ ќе се одржи со почеток во 19 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Помотори ќе бидат директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и ас. м-р Иван Антоновски, кој ја водеше лекторската настава по литература на Третата зимска школа од која произлезе Зборникот. За искуството од работата при преведувањето на поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе зборуваат: проф. д-р Намита Субиото од Словенија, д-р Кристина Дуфкова од Чешката Република и Биљана Петковиќ од Србија, кои учествуваа на Третата зимска школа и се дел од странските македонисти чии преводи се објавени во Зборникот, а се учесници и на оваа, 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.

Во Зборникот се објавени преводи на песни од Шопов кои досега не биле преведени на конкретните јазици, како и преводи на песни за кои странските македонисти имаат проценето дека е потребно да се објават во нов превод на нивните јазици. Изданието содржи и импресии на странските семинаристи – автори на преводите, за поезијата на Ацо Шопов.

Ова е трет зборник на преводи објавен од МСМЈЛК при УКИМ, а втор од ваков обем и формат по зборникот „Конески на 11 јазици“ објавен во 2021 година, кога се чествуваше 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Зборникот „Шопов на 11 јазици“ веќе е достапен и во електронски формат, на веб-страницата на УКИМ: https://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/Zbornik_Ssopov_na_11_jazici.pdf

Со оваа промоција се заокружуваат активностите на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ. Утре ќе се одржат последните лекторски часови и затворањето на Школата со врачување уверенија на семинаристите.

Во петок, на 1 септември, активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција, која традиционално ќе се одржи во Охрид. Ова издание на Конференцијата која е единствен научен собир во регионот посветен на јазик, национална литература и култура со толкава традиција на непрекинато одржување секоја година и толкав број објавени зборници, ќе биде посветено токму на творештвото на Шопов по повод значајниот јубилеј и на Крсте Мисирков, по овод јубилејот 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“.

Оваа, 56. Летна школа и претстојната 50. Меѓународна научна конференција, исто како и Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ се дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK