Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денес оствари конструктивна средба со постојаниот координатор на Обединетите Нации, Рита Колумбиа, на која беа разгледани тековните и идните можности за соработка меѓу Град Скопје и Обединетите Нации.
На средбата се разговараше за проектите што Град Скопје ги реализира со цел обезбедување рамномерен и одржлив развој на сите градски населби, со посебен акцент на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Посебно внимание беше посветено на темите поврзани со зголемено користење на обновливи извори на енергија во јавните објекти, како и на создавање подобри услови и еднакви можности за лицата со попреченост.
Ова е втора средба меѓу претставниците на Град Скопје и Обединетите Нации, при што беше потврдена заедничката определба за продлабочување на меѓусебната соработка преку реализација на конкретни проекти од интерес за граѓаните.
Соговорниците разговараа и за можностите за поттикнување на волонтерството и поголемо вклучување на младите во процесите на носење одлуки и креирање политики важни за развојот на градот.
Од Град Скопје истакнуваат дека ваквата соработка претставува значаен чекор кон создавање современ, инклузивен и одржлив град, кој рамномерно се развива и одговорно се грижи за потребите на сите граѓани.