Британското Министерство за правда би можело да го реши проблемот со недоволниот капацитет за сместување на мигрантите без документи со електронски мониторинг, пишува Тајмс, повикувајќи се на информирани извори. Според Законот за илегална имиграција, владата мора да ги смести луѓето кои илегално влегле во Британија во центри од затворен топ и да ги депортира во Руанда или во друга „безбедна“ земја.
Бидејќи капацитетот за сместување е недоволен, службениците сега мора „темелно да бараат“ алтернативни решенија, пишува Тајмс.
Пожелно би било да се зголеми бројот на сместувачките центри, но се разгледува и можноста за електронско следење и укинување на паричната помош на оние кои не се јавуваат редовно во британското министерство за внатрешни работи, го цитира Тајмс изворот во тоа министерство.
„Министерството за внатрешни работи од самиот почеток сакаше да ја воведе мерката за електронско следење и смета дека тоа е подобро решение отколку одбивањето на финансиска помош, правно тешка опција која би вклучувала закана од сиромаштија за мигрантите“, изјави извор за Тајмс.
На прашањето дали се разгледува можноста за електронско следење, извор близок до министерот за внатрешни работи, Суела Браверман рече: „Веќе ја спроведуваме (мерката)“. Најновите податоци на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека повеќе од 19.000 мигранти пристигнале во Британија преку каналот Ла Манш од почетокот на годината и покрај ветувањето на премиерот Риши Сунак дека ќе ги „запре чамците“.
На крајот на јуни, повеќе од 175.000 луѓе ја чекаа одлуката на властите за азил, а трошоците за нега пораснаа на речиси четири милијарди фунти (пет милијарди долари), според ДПА.