Командирот кој со автоматска пушка пукаше на веселба денеска е приведен.
Од МВР соопштија дека ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и тој ќе биде суспендиран до донесување на решение во дисциплинската постапка.
Денеска (27.08.2023) од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп е лишен од слобода и задржан во ПС ОН Прилеп Е.Р. (30) од с.Дебреште, командир на ПО Ропотово, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ односно поради основи на сомнение дека на 19.08.2023 на свадба кај негови роднини во семејна куќа во с.Дебреште пукал од огнено оружје – се вели во соопштението од МВР.
ОВР Прилеп презема мерки за расчистување на случајот во координација со ОЈО Прилеп и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и по целосно расчистување на случајот, до ОЈО Прилеп ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Скандалот го обелодени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
-Со дивјаштвото и односот од првите луѓе на полицијата, личиме на африканска држава. Ова е во МК, командир на полициска станица, со автоматско оружје предизвикува општа опасност и не одговара за ништо. Не одговара ниту тој што го поставил, напиша Ковачки.