„Како што беше очекувано, и покрај лажните ветувања на Власта, новата учебна година повторно ќе почне без учебници, иако Законот за основно образование вели дека учениците на 1 Септември треба да имаат бесплатни учебници. Спротивно на тоа, одредени учебници ќе нема, а за нив ќе има материјали за учење во електронска форма односно во ПДФ формат. Тоа значи дека учениците пак ќе бидат дискриминирани како што заклучи Комисијата за антидискриминација и дека одреден број ученици повторно ќе учат од скрипти односно фотокопии“, изјави Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вториот скандал приреден од власта на ДУИ и СДСМ на само 7 дена пред почетокот на учебната година е Решение за донесување на Насоки за планирање, организација и реализација на наставата од 1 во до 6то одделение во основното образование во учебната 2023/2024 година.
Почитувани, станува збор за документ објавен на веб страната на БРО, непотпишан, кој објаснува како треба да се одвива наставата според „Новата програма за унапредување на образованието во Македонија”, која Министерот тајно ја потпиша, без да ја информира јавноста. ВМРО-ДПМНЕ два пати реагираше и укажа на неквалитетот на оваа програма, но дури денес, кога треба да се имплементира, во јавноста станува јасно за што станува збор.
Станува збор за комплетна импровизација во наставата во основното образование. Имено откако измислија интегрирани предмети, природни и општествени, сега откако видоа дека Концепцијата е неспроведлива, што ние 3 години го тврдиме, воведуваат модули. Во историја и општество има модули историја, географија и граѓанско образование. Историја во 6то одделение ќе се предава во прво полугодие со 62 часа. Географија на почеток на второ полугодие до мај со 36, а граѓанско образование на крај со 10 часа.
Така наставникот по историја во второ полугодие нема да предава историја туку изборни предмети според потребите на децата, на пример за етика на религиите, заштита на животната средина, фотографија, готвење, родова еднаквост, финансиска писменост и слично или ќе работи тоа што ќе му одреди директорот, можеби да води архива, да контролира хигиеничари или слично“, рече Јаневска.
„Истото ќе го прави и наставникот по географија и наставникот по граѓанско образование.
За да добиете претстава за какво катастрофално речение станува збор ќе ви цитирам делови од документот.
Во документот пишува:
Училиштето треба да направи распоред на ангажманот на овие наставници, горе споменатите, што ќе обезбедува да изведуваат минимум 15 наставни часа неделно без оглед на одделението во кое ја реализираат наставата.
Значи наставник со 15 часа неделно од предметот + изборни предмети, ќе има иста плата како наставник по математика или македонски со 20 часа, кој при тоа има обврска да спроведува и дополнителна и додатна настава, се‘ за исти пари. Па нели е ова дискриминација?
Се навраќам на 10 часа граѓанско образование за кои децата треба да се запознаат со наставните теми и да бидат оценети.
Оценувањето е посебен проблем. Нели е еден предмет Историја и општество? Како сега ќе имаат оценки децата по сите три модули? Ја прашувам владата како ова ќе го решат во е-дневникот или сега наново ќе првите нов е-дневник и повторно ќе плаќате од наши пари, заради вашата кусогледот? Како во главните книги? Ќе печатите ли нови?
Во овој документ пишува: Планирањето на часот не го водат наставните содржини, туку стандардите за оценување – планирањето се прави за да се овозможи да се постигнат стандардите за оценување, а не за да се совладаат содржините. Молам некој да објасни како. Да не се совладаат содржините. Интересно.
Понатаму пишува: При планирањето се користат електронските верзии на наставните програми и унифицирани урнеци за планирање објавени на веб страницата на Бирото – наставниците само прават реорганизација согласно потребите на учениците и условите во училиштето.
Унифицирани урнеци за планирање вчера на страната на БРО немаше, ама и да имаше, па нели наставниците требаше да бидат креативни, неунифицирани?
Малку подолу пишува: Наместо дневно планирање наставниците (индивидуално или тимски) го планираат секој час одделно подготвувајќи сценарија и соодветни наставни материјали. Значи наставниците стануваат сценаристи и подготвуваат материјали. Добро.
Понатаму во програмата за одредени предмети се предвидени, топчиња, пластифицирани картички, картони, за технолошки средства не зборувам. Кој ќе ги набави Министре? Наставниците?
Тука ќе запрам со објаснување на документот. Само ќе додадам дека според Законот за основно образование, член 49 училиштето изготвува развојна програма за период од 4 години со конкретно наведени активности. Врз основа на оваа развојна програма училиштето ја изготвува годишната програма. Со годишната програма се планира наставата. Алинеја (7) Училишниот одбор ја доставува годишната програма најдоцна до 15 Август.
Вчера кога решението беше доставено до училиштата беше 23 Август што значи Годишната програма е предадена. Сега Министре, како, што понатаму?
Училиштата ќе го кршат законот со неспроведување на програмата?
Го повикувам Министерот за образование и наука веднаш неодложно, уште денес да ги поништи 3 те документи: Новата програма за унапредување на образованието, Насоките за планирање, организација и реализација на настават од 1-6 то одделение во 2023/2024 година и решението за Насоките.
Министре Шаќири ве повикувам веднаш да ја суспендирате Концепцијата на Мила Царовска, ако не сакате цел живот на совест да го носите комплетното руинирање на образовниот процес во Македонија и булингот кој Владата го врши над наставниците и учениците, донесувајќи вакви со културен збор необјасниви документи“, изјави Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.