Во периодот од јануари 2022 година заклучно со јули 2023 година Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци на вкупно 605 централи со вкупна инсталирана моќност од 316,4 MW.
„ Со овој нов инсталиран капацитет што е ставен во функција во последната година и седум месеци може да се задоволат потребите за електрична енергија на домаќинства со просечна потрошувачка од 14 градови од земјава: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св. Николе, Ресен, Дојран, Дебар, Виница, Струга, Неготино, Гевгелија и Велес. Станува збор за чиста зелена енергија од Сонце, ветер, вода и биогас“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Во 2022 година РКЕ има издадено лиценци на 267 централи со инсталирана моќност од 152,2 MW, додека од почетокот на годината 2023 до крајот на јули 338 централи со инсталирана капацитет од 164,2 MW се имаат стекнато со лиценци.