Меморандум за взаемно признавање на лиценци за трговија и снабдување со електрична енергија со Косово

memorandum
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе може да тргуваат, но и да ги снабдуваат корисниците на косовскиот пазар, а истата можност ќе ја имаат и косовските трговци и снабдувачи кои имаат лиценца. Тоа е овозможено со Меморандумот што го склучија Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово – ЕРО (Energy Regulatory Office).

Меморандумот со кој што меѓусебно се признаваат издадените лиценци за снабдување/трговија со електрична енергија денеска во Приштина го потпишаа првите луѓе на регулаторните тела Марко Бислимоски и Имер Фејзулаху во присуство на министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли.


Претседателот на РКЕ Бислимоски, како што информираат од РКЕ, порача дека итегрирањето на регионалните пазари е чекор што води кон единствен пазар на електрична енергија на Европската Унија.

-Договорот ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе биде мотив за нови инвестиции во обновливи извори, затоа што произведената електрична енергија во земјава ќе може да им се испорача веднаш на корисниците во Косово. И ова е всушност реципрочен механизам, исто така и електричната енергија произведена во Косово ќе може лиценцираните трговци да ја нудат на потрошувачите кај нас, изјави Бислимоски по потпишувањето на меморандумот.

Во енергетиката, додаде, нема мала и голема слика – туку има само стратешко поставување и реализација на целите кои ќе донесат сигурност, стабилност, намалена енергетска зависност и зголемено производство.

-А токму нашиот фокус кон транзицијата и инвестициите во обновливи извори на енергија го преполови увозот на електрична енергија што до пред кризата изнесуваше 30 отсто, а сега е 15 отсто, рече Бислимоски.

Според претседателот на косовското регулаторно тело за енергетика Фејзулаху, договорот во пракса значи намалување на административните бариери за лиценцираните снабдувачи/трговци со електрична енергија.

-Преку овој договор, ги отвораме вратите за нови можности за снабдувачите и трговците со енергија и во Косово и во Македонија со намалување на административните бариери за трговците да влезат на овие два пазара, рече Фејзулаху.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK