Левица: ДПМНЕ третпат ни го одзема правото на дебата во градското собрание


oce.webp.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советничката група на Левица денеска повторно побара враќање на начинот на работа при поставувањето советнички прашања, во кој секој советник има можност да го постави прашањето, да го добие одговорот непосредно и, доколку е потребно, да побара дополнително појаснување или да реагира на дадениот одговор. Предупредивме и доколку повторно се прекрши ова деловничко право, нема да дозволиме седницата да тече по “нормален” тек, соопштија од оваа партија.


„И покрај повеќекратните барања од наша страна, претседателот на Советот Даме Димитровски, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и советничкото мнозинство на ДПМНЕ одбија да ја прекинат практиката на групно поставување и групно одговарање.

Левица веќе на две последователни седници предупреди дека ваквиот начин на водење на советничките прашања ја обезличува суштината на овој механизам на советнички надзор и има единствена цел да нѐ замолкне.

Советничката група на Левица, со цел да не дозволи нашите прашања да бидат фактички оставени без одговор, денеска ги постави прашањата и побара одговорите да бидат доставени во писмена форма.

Откако и покрај сите наши реакции беше одбиено враќањето на нормалниот начин на работа, советничката група на Левица денеска со свирежи го изрази својот протест во салата на Советот на Град Скопје. Свирењето беше директен знак на протест против начинот на кој ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски го ограничуваат просторот за демократска дебата и ја деградираат улогата на избраните советници“.

Левица, подвлекуваат од партијата, нема да прифати Советот на Град Скопје да се претвори во институција во која советниците само формално ќе поставуваат прашања, а власта ќе одлучува кога и како ќе даде одговор.

„Доколку Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ мислат дека со административно групирање на прашањата можат да ја елиминираат контролата врз нивната работа, Левица ќе продолжи да се спротивставува на секоја ваква злоупотреба на институцијата“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK