Изложба на дела од реномирани ликовни уметници од Велес, беше отворена синоќа во Музеј на град Неготино.
Директорката на Музејот, Драгица Чекорова потсети дека авторите на изложбата се четворица еминентни ликовни уметници од Велес, тие творат во различни ликовни правци, препознатливи по своето творештво. Чекорова рече дека нивна заедничка компонента е што се целосно вклучени во модерната ликовна клима, преку заедничката изложба ни даваат можност за едно ретко ликовно доживување.
– Изложбата во својата концепција има за цел да ја презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите, сликарите Живко Пренџов, Александар Јовановски Мијак и Спасе Перовски кои работат сликарски и графички техники, како и единствениот скулптор меѓу авторите, Илко Стојановски, автори кои преку својата активност веќе се препознатливи и пошироко во регионот на меѓународен план, кои преку своите изложби и учества на бројни колонии, во земјава и надвор од земјава, ја промовираат македонската ликовна култура, нагласи Чекорова.
Неготинскиот градоначалник, Горан Стојанов рече дека изложбата е дел од културното лето ,,Неготино 2023″, во соработка со Музеј на град Неготино и Народен Музеј – Велес.
– Сигурен сум дека преку изложените врвни ликовни дела на присутните уметници, неготинската јавност ќе се запознае повеќе со уметноста од велешкиот регион и се надевам дека во иднина, како плод на добра соработка и група уметници од Неготино ќе се презентираат на ваков начин, пред пошироката велешка јавност. Воедно би сакал да дадам признание за успешната соработка помеѓу општините Неготино и Велес, што се реализира токму преку културата и уметноста, едни од столбовите на општеството, нагласи Стојанов.