По повод Светскиот ден за борба против хепатитисот – 28 Јули, денеска ќе бидат претставени најзначајните активности во борбата против хепатитисот, црнодробниот карцином и други заболувања на црниот дроб во нашата земја.
Во одбележувањето на 28 Јули вклучени се Министерството за здравство, здружението „Хепар Центар“ – Битола, Универзитетските клиники за гастроентерохепатологија, за инфективни болести, за дигестивна хирургија, за радиотерапија и онкологија и Одделот за интервентна радиологија.
Како што е најавено, на прес-конференцијата ќе се обратат министерот за здравство Фатмир Меџити, Милан Мишковиќ од „Хепар Центар“ – Битола, како и доктори од Унизверзитетската клиника за гастроентерохепатологија, од Клиниката за инфективни болести и интервентниот радиолог Наташа Хаџиниколова.
Од Здружението „Хепар Центар“ – Битола информираат дека кампањата по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот за подигнување на свеста на населението оваа година ќе се одржи во повеќе градови низ земјава. Ќе бидат претставени резултатите од најновите истражувања и напредокот во лекувањето на хепатитисот B и C, како и црнодробниот карцином.
Од Здружението „Хепар Центар“ – Битола најавуваат отворање на прв Црнодробен центар, кој, како што наведуваат, е опремен со современа дијагностика и современа терапија, што ќе овозможи да се зголемат шансите за лечење и подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Посочуваат и на амбулантно возило од Ургентниот центар, опремено со современи тестови за хепатитис Б, Ц и ХИВ и современ еластограф, каде ќе се врши бесплатен и анонимен скриниг на граѓаните за црниот дроб.
– Еден од најголемите предизвици во борбата против хепатитисот е превенцијата и раното откривање. Затоа со голема посветеност, ќе ја претставиме нашата мобилна единица, која ќе обезбедува тестирање за хепатитис Б и C, како и ХИВ и еластографија неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук која се користи за мерење на (Лузни) оштетувања на црниот дроб или фиброза предизвикани од најразлични заболувања на црниот дроб во осум градови во нашата земја: Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Струмица и Штип. Оваа иницијатива ни овозможува да стигнеме до поголем број на луѓе и да го препознаеме заболувањето во рана фаза, што е од суштинска важност за успешното лекување, велат од здружението „Хепар Центар“ – Битола.