– Финска ќе ја одземе дозволата за работа на рускиот конзулат во Турку, еден од двата руски конзулати во земјата, објави денеска финската влада.
Финска минатиот месец најави затворање на конзулатот како одговор на протерувањето на девет фински дипломати од Русија и затворањето на финскиот конзулат во Санкт Петербург.
„Најавата на Русија за затворање на финскиот конзулат во Санкт Петербург од 1 октомври 2023 година беше непропорционален одговор на претходната изјава на Финска за протерувањето на руски дипломати во јуни“, се вели во соопштението на финската влада.
Владата посочува и дека спроведува длабинска правна анализа на специјалниот статус на финскиот остров во Балтичкото Море, Аланд, додавајќи дека ќе го разгледа статусот на рускиот конзулат таму.