– Работењето на комуналното јавно претпријатие „Водна кула“ од Зрновци од аспект на кадровски ресурси ќе се стави во соодветни законски рамки, за што во процедура е донесување правилник за систематизација на работните места.
Иако овој правен субјект функционира над една деценија, за првпат ќе добие официјален документ според кој ќе може да се направи реална реорганизација на постојните вработени, но и да овозможи пополнување на нови работни позиции што би се појавиле во иднина.
Пред повеќе години имало обид да се донесе систематизација на работните места, но од правен аспект таа воопшто не била регистрирана, ниту спроведена во практика. Поради тоа ни вработените не можеле да добиваат редовни плати, туку им се исплатувале аванси.
-Документот што сега за првпат се изработува содржи функционална анализа, правилник за систематизација и внатрешна организација. Постојните вработени ќе бидат ангажирани на соодветни работни места, со решенија, а веќе една година се трудиме тоа претпријатие да го направиме рентабилно, да има кадровска екипираност, а не само да се земаат плати. Мислам дека досега неговата стагнација е поради кадровската неекипираност, затоа што не може еден човек да извршува по три-четири работи, а некои од нив предизвикуваат и конфликт на интереси, односно директорот да биде и благајник, и правник, и да прима документи и да издава документи, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
По образложението на градоначалникот, Советот на Општина Зрновци на последната седница даде едногласна поддршка на предложениот правилник за систематизација на работните места во КЈП „Водна кула“, по што документот ќе се достави до Министерството за информатичко општество и администрација, од каде е потребна согласност.
Според првично изработената систематизација од пред неколку години, што не е законски официјализирана, во комуналното претпријатие биле предвидени 12 работни места, од кои девет се веќе пополнети.