– Уставни измени вакви какви што се и под бугарски диктат и на начин како се доставуваат до Парламентот, не само што не се прифатливи туку Владата дополнително го усложнува процесот со тоа што дефинираше текст на уставни измени што не само што е неприфатлив туку е тотално неразумен, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако вчера Владата го достави Предлогот за уставни измени до Парламентот.
Предлогот, според Мицкоски, ваков каков што е дополнително ги загрозува позициите на Македонија во рамките на напредокот кон ЕУ.
-И баш би сакал сега да го слушнам оправдувањето од Владата во кој дел од заклучоците на Советот на Европа, во кој дел од преговарачката рамка и на протоколот овој текст на овие уставни измени е содржан, истакна првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ кој беше во посета на Соојузот на стопански комори.
Мицкоски не сакаше да ја коментира денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски велејќи дека неговата Влада во изминатиов период потпишуваала договори коишто не биле општествено искординирани односно поддржани и усогласени.
-Мислеа дека на тој начин колинелчејќи пред меѓународната заедница ќе останат ден два повеќе на власт. Е сега дојде проблемот, сега не можат да испорачаат затоа што немаат кредибилитет како Влада, народот не им верува а главната опозициона партија беше комплетно исфрлена од овој процес. И сега што направија, потпишаа нешто коешто немаше ниту општествен, ниту политилки консензус и сега тоа нешто не можат да го испорачаат и создаваат дополнителен проблем во евроинтегративниот процес на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ вака како што е овој процес предвиден од страна на Ковачевски и вистинскиот во Владата ДУИ нема да го поддржи а како ќе се однесуваме на Комисија и на Парламентот ќе утврдиме на координација со пратеничката група, истакна Мицкоски.