Преку програмата ReLOaD2 во Куманово одобрени четири проекти

kumanovo_3453454344
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Уредување, промоција и заштита на Бислимската клисура“, „Планинарска инфраструктурна основа за туризам и здрави навики“, „Спортски можности за сите“ и „Жени за одржлив економски развој преку рурален туризам“ се четирите проекти коишто поддржани во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2), финансирана од Европската Унија, која ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), додека Општина Куманово е корисник на средствата, информираа од општината. Вредноста на доделените грантови изнесува околу 4,2 милиони денари, од кои 871 илјади денари односно 21 процент е учество на општината.

Програмата се имплементира преку Одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР.
Од расположливите грант средства, најголем дел односно околу 1,7 милиони денари се доделени на проектот „Уредување, промоција и заштита на Бислимската клисура“ на Здружението Народен Универзитет, ЛАГ АБЕР 2015 и Фондација за развој на мали и средни претпријатија. Целта на проектот се активности за зголемена туристичка понуда на Бислимската Клисура, нејзина еколошка заштита, учество на локалното население во туристичката понуда и промоција и иновативни техники за дигитализирање на содржините. Очекуван резултат е зголемен број на посетители за 30 осто во наредните пет години.


На здружението на планинари и заштита на планината „Козјак 2013“ (ЗПЗП) ќе му бидат доделени 1,3 милиони денари кои ќе ги потрошат за проектот „Планинарска инфраструктурна основа за туризам и здрави навики“. Со проектот ќе се идентификуваат, систематизираат и уредат 30 километри планинарски патеки, ќе обезбедат услови за адреналински туризам, ќе се едуцираат над 2.000 ученици, ќе се организираат и планинарски акции, еколошки тури и ќе засадат 1.500 садници. Главна цел е 15.000 млади лица и останати категории на граѓани од Куманово да спортуваат на отворено и да поминуваат повеќе време во природа.

Спортскиот младински клуб „Динамик“ и Планинскиот велосипедски клуб „Оксижендшк“ се поддржани со нешто над 545 илјади денари за проектот „Спортски можности за сите“. Целта е да им се овозможи на лицата со попреченост да учествуваат во рекреативни спортски активности за подобрување на квалитетот на нивниот живот низ примена на нови, иновативни идеи за учење и унапредување на нивното ментално и физичко здравје.

За проектот „Жени за одржлив економски развој преку рурален туризам“ на Здружението за поттикнување на локален и рурален развој „Ума Сто“ и Здружението за креативен одржлив развој „Дива перуника“ од Скопје се наменети  над 542 илјади денари. Директни корисници на проектот се жители на селата Умин Дол, Ново Село и Пчиња. Посебен акцент е ставен на невработените жени, кои имаат потреба од обука и менторство за стекнување со основни познавања од областа на рурален туризам.

-Главна цел на ReLOaD2 програмата е зајакнување на партнерството помеѓу локалните власти и граѓанското општество, со што ќе се придонесе за поголемо граѓанско и младинско учество во процесите на носење одлуки, велат од општината.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK