Француските пратеници вчера изгласаа „модернизација“ на кривичниот процес, кој вклучува одредба што им дозволува на агенциите за спроведување на законот „без знаење или согласност на сопственикот“ да следат и прислушуваат камери, микрофони, телефони и други уреди поврзани на интернет.
Оваа мерка е ограничена само на лицата осомничени за тероризам, организиран криминал и други незаконски дејствија за кои е предвидена казна затвор од пет или повеќе години.
Согласно законот, полицискиот надзор на осомничениот преку телефон и други уреди може да трае до шест месеци.
Одредени професии, како новинари, адвокати и парламентарци, би биле изземени.
Францускиот министер за правда Ерик Дупон-Морети предложи лов на осомничени со помош на висока технологија, наместо со вообичаен полициски надзор, „озвучување“ на возило и куќа на осомничениот, за кои смета дека повеќе не се остварливи методи, а се сè поопасни за истражителите.
Покрај ограничувањата за шпионирање на осомничени за кривични дела за кои се казнува со најмалку пет години затвор, законот содржи и други ограничувања.
Целта на прислушувањето мора да биде да се лоцира некого само во реално време, а истражниот судија во случајот мора да даде дозвола за тоа.
Покрај тоа, не само што шпионирањето на уредот ќе следи каде е осомничениот, туку истражителите ќе можат далечински да ги активираат камерата и микрофонот на неговиот мобилен телефон и други уреди.
Критичарите тврдат дека оваа практика неизбежно води до злоупотреба на власта од страна на француската полиција, која претходно беше обвинета за злоупотреба на власт, бруталност и расизам.
Претставничката на Амнести Интернешнл, Катја Ру, изјави дека „употребата на технологијата за надзор не може да биде системски одговор на безбедносните прашања“ и дека човековите права не треба да се прекршуваат, дури и ако се работи за се осомничени за одредени злосторства.