Децата заедно со воспитно-згрижувачкиот кадар од центарската градинка „13 Ноември“, вчера приредија вистинска музичка и сценска магија на првиот детски фестивал „Детелинки“, што се одржа во Паркот на Франкофонија, во организација на Општина Центар.
Преку музика, танц, оригинални детски песни и многу насмевки, најмладите покажаа талент, креативност и искрена детска радост, додека публиката уживаше во вечер исполнета со емоции, аплаузи и фестивалска атмосфера.
„Општина Центар за првпат реализира детски фестивал и се надевам дека „Детелинки“ ќе прерасне во убава традиција. Како локална самоуправа, континуирано вложуваме и ќе продолжиме да вложуваме во проекти кои поттикнуваат креативност и создаваат простор за раст, игра и слободно изразување“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Тој посочи дека со „Детелинки“, како и со другите настани наменети за сите генерации од Програмата за култура, одбележуваме 50 години постоење на Општина Центар.
„Ако детелинката носи среќа, тогаш најголемата среќа на нашата општина се токму децата, нашите весели и најскапоцени “детелинки“, порача Герасимовски.
Во рамки на фестивалот беше доделена благодарница на градинката „13 Ноември“ за нејзината долгогодишна работа и придонес во развојот на детската креативност и воспитување. Градоначалникот упати благодарност до целиот тим на градинката, како и до директорката Ружица Биџовска.
На фестивалот за првпат беше доделен и трофејот „Детелинки“, кој ќе стане симбол на новата фестивалска традиција. Трофејот секоја година ќе се пренесува од градинка на градинка како препознатлив белег на континуитет, креативност, среќа и детска радост.