Министерката за животна средина Каја Шукова информира дека засега нема индиции за какво било загадување на водата која скопјани ја користат за пиење од системот Рашче.
Министерката денеска одговорајќи на новинарско прашање за состојбата со Рашче по наводните видео снимки според кои се истураат фекалии, рече дека не е запознаена со видеата, но дека за секоја индиција инспекторатот веднаш излегува на терен.
-Во моментов нема такви индиции дека се загрозува системот. Вршиме редовни контроли. Постојано сме во соработка со Државниот инспекторат за животна средина. Секоја индиција за какво било загадување веднаш излегува инспектор за животна средина на увид. Ако има какви било состојби веднаш се санираат. Вршриме редовна контрола. Инспекторат врши редовно контрола. Ние реагираме на сите дојави и на граѓаните и на општините во зависност од тоа за каков проблем станува збор, увери министерката.
Информира дека со директорката немала комуникација на оваа тема.
-Да ви кажам искрено јас тие снимки не сум ги видела, слушам од вас. Меѓутоа, за секој ваков проблем редовно не информира Државниот инспекторат. Јас со директорот не сум имала комуникација на оваа тема. Ако има нешто такво јас мислам дека Инспекторатот ќе изврши увид и ако имаме дополнителни информации ќе ја информираме јавноста, изјави Шукова.