Откако Левица, преку претставки до Уставниот суд, го оспори Упатството за водење матични книги како и Законот за матичната евиденција, но истовремено предложи и времена мерка да се стави вон сила Упатството со кое се предвидува внесување на националната припадност во изводите од матичните книги на родените, венчаните и умрените, вчера, судот донесе времена суспензија со која се забранува издавање на овие документи додека не се донесе конечна одлука за уставноста на оспорените делови од овој закон.
Имено, Уставниот суд одлучи да поведе постапка за утврдување на уставноста на Упатството за водење на матични книги, кое претходно беше донесено од страна на министерот за правда, Кренар Лога, а со единствена цел да се протне двојазичноста и графата за „националност“ во новите изводи на родени.
Потсетуваме дека претходно, ваков обид да се вметне етничката припадност во личните документи, власта на СДСМ и ДУИ – за што имаше и согласност од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ – имаше со Предлог-законот за лични карти, кој пратениците на Левица во Собранието го блокираа преку филибастеринг, поднесувајќи над 1200 амандмани.
Јасно е дека Упатството на министерот Лога е неуставно и штом судот донесе времена мерка за негово суспендирање, нема причина да не се донесе и конечна одлука за неуставноста на истото, освен доколку во меѓувреме не се изврши политички притисок врз уставните судии, со оглед на тоа што може да се види и од начинот на гласањето за оваа одлука на судот каде само судиите Албанци гласаа против ова решение на Уставниот суд.
Со ваквите обиди на власта, дополнително се дезинтегрира македонскиот национален супстрат, со што македонската нација се спушта на ниво на кое се изедначува со етникум, а со тоа постепено се одзема и нејзиното право да управува и ја развива и унапредува својата национална култура и посебност на оваа територија за чија слобода се дадени безброј жртви.
Го повикуваме Уставниот суд, што поскоро да одлучи по Иницијативата на Левица и да го прекине процесот на дејтонизација на Македонија со тоа што ќе донесе конечна одлука дека двојазичноста и „националната“ графа во изводите ќе ги прогласи за неуставни!