Заврши општата расправа по предлог-законите за адвокатура и за работни односи

sobranie
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Собранието денеска заврши општата расправа по Предлог на законот за адвокатурата во прво читање и се даде на натамошно читање. Собранието го доставува Предлог-законот до Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија, а гласањето по оваа точка дополнително ќе биде закажано.







Пратеничка на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева истакна дека со овој закон се врши унапредување на квалитетот во правосудниот сектор, во пристапот до правдата, и преку она што значи воведување за првпат на задолжителна континуирана обука на адвокатите која што ќе биде организирана од Адвокатската комора со законски утврден фонд на часови на годишно ниво.

-Ова е еден од исклучителните важните законски решенија кога зборуваме за третиот столб а тоа е правосудството, судството, бидејќи централна улога во правосудниот систем и согласно Уставот членот 58 од уставот на нашата држава има адвокатурата, бидејќи адвокатите, адвокатурата е таа која што во сите постапки пред надлежните судови се грижи за заштита и остварување на правата на странките во постапката согласно уставот, законот, меѓународните договори. Остварувањето на човековите права е клучен предуслов ако сакаме да зборуваме за она што значи фер и правично судење, а фер и правично судење без вистински поставена адвокатура, без вистинската улога на адвокатите во постапката воопшто не е возможно. Со стратегијата за реформа во правосудниот сектор 2017 и 2022 година беше утврдено дека е потребно донесување на нов закон за адвокатура. Тој закон треба да обезбеди правна помош и вршење јавни овластувања во согласност со закон на вистински начин, современи правила кои што се во склад и со она што значи европски правила имајќи во предвид дека ние се само што стремиме час поскоро да станеме дел од европското семејство туку и многу одамна веќе сме дел на некој начин од тоа европско семејство, рече Калевска-Ванчева.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова праша зошто две години се чекало за да дојде на дневен ред овој предлог-закон, на што спикерот Талат Џафери кажа дека бил заглавен на комисии.

-Што е добро? Добро е, бидејќи откако пропадна Стратегијата за реформа на правосудството, резултатите ги гледаме , можеби ова е шанса, една светла точка да се појави, бидејќи главната цел на овој закон е „унапредување на квалитетот на правосудниот сектор преку воведување на законска обврска за континуинирана обука на адвокатите“. Зошто е ова добро? Затоа што обуката ќе се одвива во рамките на Адвокатската комора, значи гаранција за стручност и компетентност. Адвокатската фела не го добива должниот респект кај нас во правосудството. Добро е што ќе оди во редовна постапка. Молам барем овој пат да го следиме трендот што го иницираше колешката Мираковска со ангажман на стручната фела кога ќе го разгледуваме законот да поканиме луѓе од Адвокатската комора, рече Давкова.

Во денешната 71.седница заврши расправата по Предлог на законот за изменување на Законот за работните односи, во прво читање. Собранието заклучи дека Предлог на законот за изменување на Законот за работните односи поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов не е прифатлив и не може да се даде на натамошно, односно второ читање.

Борислав Крмов, пратеник на Левица и еден од предлагачите нагласи дека целта на овој предлог-закон е следејќи недоследностите кои се јавуваат во пракса да влијаеме корективно преку намалување на максималната горна граница за склучување на договори за вработување на определено работно време со што ќе се зголеми продуктивноста на работникот преку обезбедена сигурност во обезбеденото работно место.

-Со овој закон меѓу другото се уредува и максималното времетраење на Договорот за вработување склучен на определено време. Во зголемување на ефикасноста и мотивираноста на работникот големо значење има сигурноста на работниот однос и сигурноста на обезбеденото работно место правопропорционално со продуктивноста на работникот. Гледано во национален контекст, законодавството значително отстапува од намерата за обезбедување на сигурност на работниот однос, бидејќи предвидува значително подолг рок од пет години како максимална горна граница за склучување договори за вработување на определено работно време. Ваквата ситуација се покажа се покажа во пракса дека е подложена на манипулативно однесување од страна на работодавачите кои ги штитат своите интереси за сметка на интересите на работниците кои речиси и да не можат да обезбедат трансформација на работниот однос од определено на неопределено време во нивниот целокупен стаж, рече Крмов.

Бидејќи соодветната комисија не го имаше разгледано Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во прво читање не беше отворена дебата и Џафери апелира до комисијата да го разгледа законот поради фактот дека ова е единствена точка на оваа седница која не е разгледана. Посочи дека седницата е почната во ноември 2021 година и смета дека соодветната комисија можела да го разгледува овој предлог на закон.

Од страна на Владата на Република Македонија од дневен ред на седници беа повлечени Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост и Предлог на законот за Академија за судии и јавни обвинители.

Општиот претсрес заврши и за Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година, Предлог на одлуката за одобрување на Годишниот извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2021 година, Предлог на одлуката за давање согласност на Финансискиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2022 година, Предлог на одлуката за давање согласност на Стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2022 година, Предлог на одлуката за давање согласност на Годишната програма за работатa на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2022 година, Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2021 година и Годишниот извештај за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2021 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK