Регионалниот Центар за управување со кризии – Скопје известува дека по силниот пороен дожд што во попладневните часови го зафати Скопје, на единствениот број за итни ситуации 112 има пристигнато повеќе пријави за поплавени простории и улици.
– Во ЦУК пријавено е дека се поплавени неколку подрумски простории на ул. „Јордан Мијалков“, спроти зградата на „Лимак“, две куќи поплавени во населба „Драчево“ на ул. „Славка Динкова“, големо количество вода во подвозникот кај Тинекс, кај катната гаража (1м-2м) на ул. „Антон Попов“. Поплавувањето на подвозникот го попречува одвивањето на сообраќајот, се вели во соопштението од ЦУК Скопје.
До ЦУК Скопје пријавено е дека и на Клиниката за Кардиологија се поплавени подрумските простории, каде што се салите за интервенција.
Има паднато повеќе гранки од дрвја при првиот налет на локалното невреме во Скопје, а на ул. „Симеон Кавракиров“, во населбата „Мичурин“ во Аеродром паднало големо дрво на улицата што оштетило и возило во движење, а и паркирани возила.
– Во 18:15 е отстрането од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје и улицата е проодна. Исто така имало паднато голема гранка од дрво, во близина на аптека „Зегин“ на Бул. „Св. Климент Охридски“, информираат од ЦУК.
Од Регионалниот ЦУК Скопје стапиле во контакт со пожарникарите од Бригадата (БППЗ) на Град Скопје и биле испратени екипи за испумпување на водата од критичните точки, а и со надлежни за вакви ситуации од претпријатијата на Град Скопје.