Дрин Ахмети, со вчерашното признание дека презема 39% од сопственоста на деловниот центар Соравиа, без да даде ниту еден денар за тоа, само затоа што има претприемачки дух, фрла сомнеж и дополнително го инкриминира Али Ахмети, дека тој лично стои позади целата оваа зделка.
Тор Индустриес на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети е фирма која е основано во 2020 година, истата не прикажува профит, напротив работи и со загуба. Истата оваа фирма, сега заедно со албанската Певлаку ШПК го презема деловниот центар Соравиа, и наместо со паричен влог, фирмата партнер од Албанија е таа која плаќа, а младиот Ахмети добива 39% затоа што е млад и има убав поглед кон иднината. И како таков треба да го менаџира деловниот центар.
Кога си внук на Али Ахмети, покрај тоа што други фирми плаќаа за да ти бидат партнери, и владата ти дава милионски бизниси, министрите од ДУИ се редат за да гласаат за тебе.
Имено на 14.05.2019 година на седница на влада на која биле Бујар Османи и Крешник Бектеши е донесена одлука да се даде концесија за изградба на мала хидроцентрала на Еверест ЏД на Дрин Ахмети, кога младиот претприемач имал само 21 година.
Концесијата е на 23 години, а предвидената хидроцентрала треба да биде со моќност од 387 KW. За да се направи таква хидроцентрала потребни се 1.2 милиони евра.
Гледајќи како функционира Дрин Ахмети, сигурно некоја банка одлучила во целост да ја покрие инвестицијата на 21 годишникот.
ЈО и органите на прогонот треба да отворат истрага веднаш. Како 25 годишниот внук на Ахмети влегува во милионски бизниси, без вложен денар? Дали за тоа му помогнала функција на неговиот чичко? Дали Ахмети тргувал со влијание за младиот Дрин Ахмети бесплатно да добие 39% сопственост на 30 милионскиот деловен центар Соравиа? Дали Али влијаел за Дрин да добие концесија за хидроцентрала и потоа и да ја изгради?
Внукот на Ахмети очигледно е најпосакуваниот бизнис партнер во Македонија, за тој да влезе во бизнис, не плаќа, туку други плаќаат за него.
Секој граѓанин, но и ЈО и истражните органи треба да си дадат пред себе одговор на следното прашање. Дали било кој друг бизнисмен од Македонија или било каде во светот, ќе добие 39% од некоја милионска луксузна недвижност, без да плати за тоа ниту еден цент, само затоа што има претприемачки дух?
Сите добро го знаеме одговорот на ова прашање. Одговорот е не! Токму затоа непостапувањето од страна на ЈО и на истражните органи ќе значи нивна вмешаност, но и ќе остане запаметено како најподаничкото однесување на ЈО и одлика на заробената држава од страна на ДУИ и на СДС.
Сите инволвирани, треба да знаат дека за ова одговорност ќе има.
Прес-конференција на Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник